Климент Наумов за проектот Erasmus+

Климент Наумов за проектот Erasmus+

Д-р Климент Наумов, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Факултет за туризам и угостителство – Охрид

Со Еразмус + мобилноста ми се отворија нови видици од научната и практичната област на гастрономијата, те. француската кујна. Педагошкиот пристап и праксата на наставниот кадар на колеџот (?) Жес де Форест во Авен сир Елп (Jesse de Forest- Avesnes sur Helpe) ми помогнаа професионално и научно да се надоградам како иден наставен кадар на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.  За време на мојот студиски престој го освежив и францускиот јазик бидејќи сите предавања се одржуваа на истиот и целата комуникација насочена кон мене исто така.

Зошто токму Франција?

Франција е неприкосновена во поглед на гастрономијата и туризмот, во поглед на пристапот што го имаат високонаучните и стручните институции од тие области. Професионалноста и љубовта на наставниците и другите професионалци се на многу високо ниво. Исто така студиозниот пристап со висока дисциплина и педагошка посветеност овозможуваат загарантирани позитивни резултати во совладувањето на предвидената материја.

Што Ви се допадна најмногу во текот на престојот во Франција?

За време на мојот престој во северниот дел Франција бев изненаден од љубезноста и изразената гостопримливост кај сите колеги професори и административниот кадар на институцијата. Навистина сите луѓе кои живеат во Северна Франција се со големи и топли срца, отворени за соработка и нови пријателства. Во ниеден момент не се почувствував осамен. Сите беа во секој момент спремни да ми помогнат во реализацијата на секојдневните задачи. Од сите вработени на колеџот би можел да ги издвојам Проф. Кристоф Доверњ (Christophe Dovergne), Проф. Кристел Лероа (Christelle Leroy), Проф. Фабрис Пјотровски (Fabrice Piotrowski), Проф. Марис Пјотровски (Marice Piotrowski), Проф. Жером Тазен (Jerome Tasin) и секако од административниот кадар не смеам да ги изоставам директорот на институцијата г. Мишел Шерман ( Michel Schuermans), заменик директорот г-ѓа Каролин Дикеноа (Caroline Duquennoy ) и г-ѓа Силви Бланкар (Sylvie Blancart). На почетокот од третата седмица од мојот студиски престој почна Covid 19 кризата и институцијата се затвори, но јас продолжив да посетувам online настава со професорот Кристоф Доверњ.

Морам да споменам дека ниту за момент не бев препуштен сам на себе и веднаш бев примен во домот на професорката Кристел Лероа. Во истиот момент се понудија 5 професори да ме примат во своите домови, за да не бидам препуштен сам  на себе. Тоа го сторија во моменти на ескалација на корона пандемијата, ризикувајќи го своето здравје и животи. Не можам да останам рамнодушен ниту на хуманоста на проф. Лероа и нејзиното семејство. Морам да признам дека доживотно ме задолжија, но и ме научија да бидам подобар човек (?). Точно 28 дена бев сместен во нивниот дом, со максимално исполнето време. Секојдневно го учев францускиот јазик и култура, како и француската гастрономија запознавајќи се со домашните готвени јадења. Од друга страна се обидов да им ја доловам македонската култура преку изучувањето на основните на македонскиот јазик и традиционалните народни песни и игри.

Прв впечаток при пристигнувањето. Уште при самото пристигнување се уверив во несебичниот и сериозен пристап на надлежните за Еразмус + мобилност (Кристоф и Кристел). Професорот Доверњ ме пречека во 22.00 часот на железничката станица и ме смести во сопствениот дом. Ми обезбедија стан  за многу прифатлива цена дури и за македонски стандард. Во секој момент  ја имав удобноста и сигурноста на вистински привремен дом, надвор од дома. Со семејството на професорката Лероа отпатувавме на два викенди. Првиот викенд го искористивме за посета на северо-западниот брег на Франција, на Ла Манш, посетувајќи  го монденското одморалиште Ле Туке (Le Touquet), Монтрој сур Мер (Montreuil-sur-Mer), Булоњ сур Мер (Boulogne sur Mer). Ги пробав најдобрите и најавтентични специјалитети од областа и притоа не ми беше дозволено да платам за ништо. Се беше покриено од нивна страна.(?) Вториот викенд го искористивме за посета на градот Лил, притоа на сметка на моите домаќини беше организирана посета со туристички водич.

Крајот на мојот престој во Франција беше на 10 април.  Проф. Лероа ме одведе на аеродромот Парис Бове на сопствен трошок (?) и со специјална дозвола за движење за да можам да се вратам во Македонија. Сите беа максимално вклучени и ангажирани за да можам безбедно да се вратам дома и покрај целосната забрана за движење на целата територија на Франција.

Порака до идните заинтересирани ученици/професори/ студенти за Еразмус + мобилности

Доколку ви се пружи можност топло ви препорачувам без размислување да ги искористите можностите кои ги нуди Еразмус + мобилноста. Многу ќе научите и ќе створите нераскниливи пријателства за цел живот.

Што научивте од луѓето/колегите во Франција?

Научив дека на љубезноста и гостопримството им нема крај и дека како Македонци можеме многу да научиме од ваквите примери. Искреноста и несебичноста на овие луѓе е главна нивна одлика. Прават сè Еразмус + проектите да бидат успешни, по секоја цена, без никакви резерви и исклучоци, одејќи дури до таму да трошат сопствени средства во таа насока. Во секој момент се обидуваат да ја доловат нивната култура и да ве научат нешто ново.