Нашите мисии

За Институтот
Францускиот институт во Скопје се наоѓа во срцето на Скопје и преку своите разновидни активности нуди богата и современа презентација на француската мисла и франкофонијата. Основан во 1974 год., Институтот има изградено автентичен и одлично препознатлив идентитет на културната сцена во Северна Македонија.

 

 

Педагошки активности
Институтот, како вистински образовен центар, нуди богат избор на часови на секое лице кое има желба да го изучува францускиот јазик, а истиот е прилагоден на сите возрасти и нивоа. Одделот за часови по француски јазик денес привлекува голем број ученици и организира сериозна подготовка на меѓународно признатите испити ДЕЛФ и ДАЛФ, како и обуки за професорите по француски јазик.

 

Културни активности
Францускиот институт во Скопје настојува да претстави што поразновидни културни активности во соработка со македонски партнери. Филмски проекции, предавања, дебати, книжевни средби, промоција на автори, спортски настани и други најразновидни настани речиси секојдневно го збогатуваат каталогот на активности. Со цел да привлече што поширока публика, културните настани се одржуваат на француски, на македонски, но најчесто и на двата јазика, преку консекутивен и симултан превод.

 

Студии во Франција – Кампус Франс
Францускиот институт во Скопје е информативен центар кој ќе ви помогне да се запознаете со француското високо образование, но и да се подготвите за студии во Франција. За оваа цел постојат и стипендиите на француската влада, а во процесот на подготовка може да ви помогне одделот Кампус Франс.

 

Медијатека/информативен центар за современа Франција
Медијатеката/информативниот центар за современа Франција учествува во културната динамика на градот. Таа е место на средби, размена и промоција на франкофонската култура, а на своите корисници им става на располагање мултимедијален простор целосно посветен на науката и најновите информации. Медијатечниот фонд брои 12 000 книги, списанија, бројни ЦД-а и ДВД-а за позајмување и истиот претставува доказ за единственоста и добриот имиџ на оваа институција.

Францускиот институт е вистинско огледало на современиот свет, делува во насока на ширењето на културата сета нејзина разновидност и, заедно со Француските Алијанси во Тетово и Битола и Центарот за универзитетски успех при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, е репер за француското присуство во Република Северна Македонија, којашто е полноправна земја членка на Меѓународната организација на Франкофонијата.