25 Окт Изложба и уметничка средба со Доротеј Нешоски | 11.11.2026
Среда |11.11.2026 | 18:00 | Француски институт во Скопје
Тела во трансформација и експериментални мапирања- Булевари
Изложбата „Тела во трансформација и експериментални мапирања – Булевари“ ја истражува деликатната граница помеѓу физичкото и нематеријалното, присуството и исчезнувањето, субјектот и просторот. Преку цртежи, колажи, просторни интервенции и процеси на мапирање, изложбата го преиспитува телото како субјект и медиум, третирајќи го како динамичен терен на перцептивни и трансформативни процеси.
Во средиштето на истражувањето се наоѓа булеварот како простор на секојдневниот живот. Наместо да биде сфатен единствено како урбана инфраструктура, тој е разгледан како жив систем составен од движења, средби, конфликти, сеќавања и минливи траги. Булеварот станува место каде што личното искуство и колективната историја постојано се преплетуваат, создавајќи нови форми на просторна и општествена интеракција.
Во рамките на ова истражување, мапата не е наменета само за евидентирање на физичките елементи на просторот, туку за откривање на неговите невидливи траги: местата на задржување, вообичаените патеки, звучните пејзажи, сенките, ритмите на движењето, спонтаните интервенции и односите помеѓу луѓето и градот.
Графичките дела, цртежите, колажите и експерименталните мапирања функционираат како визуелни записи на јавниот простор, покажувајќи дека градот не е обликуван само преку урбанистичкото планирање, туку и преку секојдневните движења, навики и присуството на неговите жители.
Мапирањето на тој начин истовремено станува метод на истражување, уметничка практика и критичко преиспитување на начините на кои го доживуваме, создаваме и повторно го замислуваме јавниот простор. Наместо да понуди конечни заклучоци, изложбата отвора простор за дијалог и го поканува посетителот активно да ги преиспита сопствените ментални и просторни мапи.
За уметникот
Доротеј Нешовски (1989, Скопје) е интердисциплинарен уметник кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник чии интереси вклучуваат партиципативни активности, методологии на мапирањe и резонантност, вониституционално делување, истражувачки практики и детска едукација.
Од 2012 година тој е еден од основачите и член на уметничката група „ЅЕЕ“ со која има реализирано повеќе проекти. Нешовски дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за вајарство со под насока сценографија (2012 г. 2026г.).
Во 2025 работи на истражувачкиот проект- самостојна изложба ,,Системи на кршливост – ,,Алгоритми на потрошувачот”. Кокуратор е на проектот во јавен простор ,,Просторни реадаптации”Скопска плажа како место за културна практина 2022-2026.
Во 2024 ја реализира самостојната изложба ,,Ноќна шума:неизвесни значења и патот низ непознатото’’. Неговата книга „Уметноста не е тоа што сакате“, издание на Priaveteprint од Скопје, излезе од печат во 2017. Живее и работи во Скопје. Од 2015 Активно организира и конципира работилници за деца и млади.


