
25 Мар Изложба и уметничка средба со Дарко Алексовски I „Никогаш незаљубен“ I 28.04.2025
Понеделник, 28 април 2025 | 18 часот | Француски институт во Скопје

„Никогаш незаљубен“
Дарко Алексовски (р. 1989) е визуелен уметник чија уметничка практика се формира на преку работа со слики и креативно пишување.
Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, a моментално живее и работи во Велес, Северна Македонија.
Како уметник досега гостувал на неколку резиденциски програми во Виена, Франкфурт, Скопје, Линц, Сплит и Дубровник.
Од позначајните учества на групни меѓународни изложби се издвојуваат: „IN-SITU: Artistic Positions on Endangered Biodiversity and the Coexistence of Species“, < ротор > Центар за современа уметност (Грац, 2024), „EX-SITU: Artistic Positions on Endangered Biodiversity and the Coexistence of Species“, Национален музеј на Босна и Херцеговина (Сараево, 2024), „Сè што ни е заедничко“, Музеј на современата уметност (Скопје, 2023), „You Can’t Discourse Without Disco: WHW Akademija 2022“, Галерија Нова (Загреб, 2022) и „55. Oktobarski Salon – Disappearing Things“, Музеј на град Белград (Белград, 2014).

Уметникот Дарко Алексовски го прикажува делото „Никогаш незаљубен”, составен од две меѓусебно поврзани дела: „Љубовни писма до осаменоста” и „Бранови”.
Низ исповеди во формат на писма и просторно-специфична инсталација на морски пејзаж, изложбата отсликува размисла за љубовта, сеќавањето и променливоста на човечките врски.
„Љубовни писма до осаменоста” збир, неретко неадресирани, писма напишани на машина за пишување, кои претставуваат неуредувани траги на некои минати емоции и истите го поведуваат набљудувачот да се најде во улогата на примач или „пишувач“. „Бранови”, е серија цртежи во голем формат, ја внесува публиката во асоцијативен морски пејзаж, евоцирајќи битова уметност. Нежна и намерно недовршена, изложбата се задржува во просторот помеѓу искажаното и неискажаното.
Алексовски и претходно го изложувал своето дело, адаптирајќи ја поставката на зададениот простор, а благодарение на таквата трансформација и адаптирање на просторот, делото добива нова форма.
Неговото дело е изложено во Скопје, во студиото на Private Print, во Музејот на Современа уметност – Скопје, во Сплит, во галеријата Простор, и во уметничката галерија во Марибор.
За емисијата Стереофранс на Стереолаб радио, Алексовски вели:
„…И при сите овие изложби, и двата серијали („Љубовни писма до осаменоста“ и „Бранови“) остануваат исти, но во зависност од местото каде што се изложени, делата добиваат по една нова форма, односно поминуваат низ некакви трансформации.
Понекогаш таа трансформација е во форматот на делото, понекогаш во медиумот, начинот на кој се прикажани, начинот на кој се оставени да бидат достапни на публиката за читање и набљудување…
Така што и оваа нова верзија, која сега со Мелоди заедно ја развиваме за Францускиот институт во Скопје, ќе биде поразлична од предходните неколку верзии.“
„Тоа што овој пат ми е особено интересно во целиот процес, за оваа верзија на проектот, е токму изложбениот простор во Францускиот институт во Скопје, односно витрината, која на еден интересен начин ја означува таа дихотомија помеѓу отворениот и затворениот простор, и начинот на кој делата ќе можат цело време да се видат, односно писмата целовреме ќе можат да се прочитаат, независно од работното време на институтот.
Голем дел од проектот, односно самата содржина на писмата, ги содржи тие чувства на ранливост, тие чувства на невозвратена љубов, така што интересно ќе биде да се види како публиката реагира, односно како публиката ги чита и восприема писмата додека трае изложбата…“
Слушни го целосното излагање на Дарко Алексовски, на емисијата Стереофранс на Стереолаб радио, во однос на изложбата:
Слушни го целосното излагање на Мелоди Робин, кураторка на изложбата, во рамките на емисијата Стереофранс на Стереолаб радио, во однос на изложбата:
