28 Ное Француските уметници од колекцијата на ОСТЕН музејот I до сабота, 07.12.2024
Затворање на прославата по повод 50 години Француски институт во Скопје
Изложбата е отворена до сабота, 07 декември во Чифте амам
ОСТЕН АРТ
1945— 2024
ОСТЕН АРТ – Установа од културата за музејско-галериска дејност, Скопје, С. Македонија – има почит кон минатото, активна е во сегашноста и има планови за иднината. Препознатлив бренд во областа на уметноста, еманципираната мисла и слободеното творештво од 1945 година, со своето искуство и влијание врз подобрувањето на културата и уметноста, ОСТЕН е одлична основа за проекти кои ги привлекуваат уметниците ширум светот, ја едуцираат пошироката публика и ги анимираат професионалците во уметноста (куратори, теоретичари, критичари и историчари на уметноста) – сите оние кои обезбедуваат увид и произведуваат материјали што го документираат развојот и движењата на уметноста во наше време.
МУЗЕЈОТ ОСТЕН
Најголемото достигнување на ОСТЕН е ОСТЕН МУЗЕЈОТ – кој има значителна колекција од повеќе од 15000 уметнички дела од околу 3000 уметници од над 80 земји (слики, цртежи, графики, скулптури, предмети, како и керамики). Делата во ОСТЕН МУЗЕЈОТ се поделени во национални колекции. Француската колекција е меѓу најзначајните и најбројните со над 180 француски уметници меѓу кои големите мајстори како Анри де Тулуз-Лотрек (Henry de TOULOUSE LAUTREC), Анри Матиз (Henri MATISSE), Јуџин Делакроа (Eugene DELACROIX), Жорж Брак (Georges BRAQUE), Бернар Бифе (Bernard BUFFET), Андре Дерен (Andre DERAIN), Камиј Писаро (Camille PISSARRO),… француски уметниците од модерната и современата уметност како Пјер Сулаж (Pierre SOULAGES) – ГРАН ПРИ за животно остварување на ОСТЕН БИЕНАЛЕ Скопје 2018, Соња Делоне (Sonia DELAUNAY), Анде Масон (Andre MASSON), Франсоа Мореле (Francois MORELLET), Орлан (ORLAN), Балдачини (César BALDACCINI), Пинончели (Pierre PINONCELLI), АРМАН (ARMAN),… како и уметници од разни делови на Европа и светот кои поголемиот дел од живот и кариера ги изградиле во Франција како Пабло Пикасо (Pablo PICASSO), Виктор Вазарели (Victor VASARELY), Владимир Величковиќ (Vladimir VELIČKOVIĆ), Миодраг Дадо Ѓуриќ (Miodrag DADO DJURIC)…
За француската уметност
Француската уметност е централна за развојот на западните уметнички традиции, позната по своите иновации, елеганција и различност. Од величественоста на готските катедрали како Нотр Дам до префинетите портрети и пејзажи на ренесансата, француските уметници биле влијателни во многу епохи со својот придонес кон развојот на уметноста, а Париз со векови беше централно место каде покрај француските гравитираа најголемите имиња во уметноста од целиот свет. Движењата како импресионизмот во 19 век ја револуционизираа употребата на светлината и бојата. Француската уметност беше водечка и во градењето на модернизмот во 20 век со уметници кои ги предизвикуваат конвенционалните форми и идеи. Денес, современата француска уметност продолжува да инспирира со својот спој на класични техники и современото експериментирање.