17 Апр 50 Француски институт | Интерактивна книжевна средба со Матијас Енар, добитник на Гонкуровата наградата 2015 | 19.06.2024
Среда 19 јуни 2024, 19 часот | Europe House
Интерактивна средба со писателот Матиjас Енар, добитник на најпрестижната француска книжевна награда „Гонкур“ во 2015 година за романот „Бусола“
„Матијас Енар, еден невообичаен книжевник“
Романот „Бусола“ е во превод на Владо Ефтимов, а во издание на „Антолог“.
Настанот се организира во соработка со издавачката куќа „Антолог“ , а за истиот има обезбедено симултан превод на македонски јазик.
–
Матиjас Енар е француски писател и преведувач. По образованието во Школата Лувр, заминува да студира арапски и персиски во INALCO (Институт за студии на ориентални јазици). По долгиот престој на Средниот Исток, се преселил во 2000 година во Барселона. Таму уредува неколку списанија од областа на културата. Исто така, членува во редакцијата на списанието „Inculte” во Париз а, во 2010 година, предава арапски јазик на Универзитетот во Барселона.
„Совршен истрел” е неговиот прв роман, објавен во 2003 година. Следната година, ги добива наградите „Le Prix des cinq continents de la francophonie“ и „ Prix Edmée-de-La-Rochefoucauld“, а исто така влегува и во селекцијата на Фестивалот за дебитански роман во 2004 година.
Во 2008 година, издавачката куќа „ Actes Sud“ го објавува неговиот роман „Зона“, кој е специфичен поради тоа што содржи само една реченица во прво лице, а брои дури петстотини страници. Има добиено неколку награди, вклучувајќи ги и „Prix Décembre 2008“, „Prix Candide“ и „Prix du Livre Inter 2009“.
Во 2012 година, издавачката куќа „Actes Sud“ го издава делото „Улица на крадци”, кое во суштина е патопис на еден млад Мароканец кој скита низ Шпанија за време на Арапската пролет и големите шпански протести.
Во 2015 година, ја добива Гонкуровата награда за неговиот роман „Бусола“, кој го отсликува погледот на Истокот кон Западот.
Во 2020 го објавува романот „Годишен банкет на братството на гробарите”. Од септември истата година, станува продуцент и водител на емисијата посветена на книжевноста, насловена “La Salle des machines”, која се емитува на каналот France-Culture.
По кусиот престој на авторот во 2019 година, Матијас Енар се враќа во Скопје со цел да реализира голема книжевна средба со читателската публика.