07 Окт Андријана и Ивона за Erasmus +
Андријана Смиљковска, студентка по француски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески’’ во Скопје
Оваа година поминав еден семестар на Универзитетот во Поатје, Франција, во рамките на програмата за студентска мобилност Еразмус. Искуството од шесте месеци поминати во Франција е непроценливо.
Најпрво, имав можност да бидам во директен контакт со францускиот јазик, како секојдневниот, говорен јазик во разговор со студентите, така и академскиот, формален француски јазик којшто се зборува на факултет. Покрај тоа што Еразмус ви дава можност најбрзо да го научите јазикот, ви овозможува и да се запознаете со еден поинаков едукативен систем. Студирањето во Франција е едноставно и пристапно за сите студенти: постојат безброј стипендии, студентите немаат многу административни обвски, а студентската карта прави чуда – од можност за бесплатно позајмување книги и електронски уреди, до попусти во ресторани и маркети, па сè до бесплатен влез на културни настани. Со други зборови, Франција е вистински рај за студенти.
Она што најмногу ме импресионира во француското образование е концептот на TD (travaux dirigés), каде што акцентот се става врз студентот и неговата индивидуална работа, како и постојаните дискусии и групно работење за време на часовите. Дека организираноста на факултетите е на врвно ниво, сведочи и фактот што пандемијата која нè затекна на средината на семестарот не ја попречи наставата, ниту пак евалуацијата на студентите.
Најголем впечаток ми остави францускиот народ кој ме научи на две важни доблести: солидарност и љубезност, а никогаш нема да ги заборавам трпението и човечноста со кои се справуваат и во најтешките моменти.
Во Франција е невозможно да не се заљубите во извонредната гастрономија и културното богатство. Историските градби, црквите, па и самите улици во Поатје ме инспирираа за навек.
Една од придобивките што најмногу ги вреднувам од Еразмус размената е стекнатото пријателство со студенти од целиот свет, искуство кое со сигурност ги проширува хоризонтите на секој млад човек.
Ги охрабрувам сите студенти да ја изберат програмата Еразмус – незаборавно искуство кое наоѓа примена на секое поле во животот.
Ивона Јаневска, студентка по француски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје
Студентската размена што ја нуди Еразмус + програмата за мобилност, дозволува практична примена на странски јазик, неопходна за негово усовршување. Исто така, можноста да се следат предавања во нова околина и да се согледааат сличностите и разликите во образовниот процес, претставува голема предност и привилегија. Додека пак знаењето стекнато на странскиот универзитет, може и треба да се имплементира во секојдневните работни задолженија.
Што се однесува до Еразмус студентите со кои имав прилика да се запознаам, лепезата од потекла и културолошките разлики, е токму она што нè зближува, многу повеќе од нашите сличности.
Ја одбрав Франција како земја за студиски престој бидејќи најпрво, соодвествува со јазикот кој го изучувам, а потоа бидејќи вклучува разновидни образовни програми и полиња на истражување, што може дополнително да придонесе во личниот развој на еден студент, како и во насоката за понатамошно остручување или определбата на интереси.
Видовите на вина и сирења се само сегмент од обележјата на Франција. Ренесансниот дух на Поатје дозволува да се избере омилена црква, витраж, па дури и сокаче, што по некоја случајност, е она истото во кое Декарт или некој член од Плејадата зачекорил. За еден студент по книжевност, тоа причинува особено задоволство.
Срдечно им порачувам на оние кои се желни да го збогатат своето животно искуство, да го сторат тоа преку аплицирање на Еразмус +. Покрај сè, неговото мото (changing lives, opening minds) е оправдано, што дури и светска пандемија не е моќна да го демантира.