04 Дек Фото-изложба и уметничка средба на Рафаел Ристовски I 17.12.2025 – 15.01.2025
Oд 17.12.2025 – до 15.01.2026 I Француски институт во Скопје

урбани пејзажи
Последна изложба од циклусот „Изложба и уметничка средба” за 2025!
Вчеравечер, 17.12.2025, во Францускиот институт во Скопје беше отворена фото-изложбата „Урбани пејзажи” на Рафаел Ристовски, под кураторство на Мелоди Робин. Фотографиите се плод на неговиот престој во престижната резиденција Cité internationale des arts во Париз.
За време на оваа инспиративна уметничка средба, модерирана од уметницата Јана Луловска, која исто така има реализирано уметнички престој во Cité, беа споделени личните искуства на уметниците и се поведе отворен разговор за фотографијата како современ уметнички медиум, за влијанието на вештачката интелигенција во уметноста, за творечкиот процес, но и идните планови на младиот уметник.
За оние кои го пропуштија отворањето, изложбата останува во излогот на Францускиот институт до крајот на јануари; добре дојдени сте!
Во моето творештво, фотографијата е примарен медиум, но не само за документирање; преку дигитално уредување, урбаните пејзажи се трансформираат во симболични светови каде секој елемент добива подлабока, метафорична димензија.
Градот не е само сценографија, туку жив елемент кој дише, поврзувајќи се со природата на суптилен и неочекуван начин, оставајќи простор за индивидуални интерпретации на набљудувачот. Овие слики создаваат ритам кој го рефлектира мирот но и хаосот на урбаниот живот.
Акцентот е ставен на „урбаната природа” – обичните улици, архитектурата, разни објекти и други детали кои често се занемарени, но комплексни и воедно мистериозни. Фотографијата го запира времето и го „замрзнува” моментот, но истовремено го открива и неговиот тек.
Некои дела се конструирани со внимателно наслојување на повеќе елементи или слики за да на прв поглед делуваат двосмислено, овозможувајќи секој набљудувач да види нешто што е уникатно за него.
Мојот престој во Париз додаде слој свежина; мешавината на стара и нова архитектура, мирот и хаосот на градот, секојдневните банални нешта и безброј други мали детали – сето тоа ја инспирираше оваа нова серија. Делата не наметнуваат строго значење, туку го повикуваат гледачот да ги интерпретира на свој начин.
Рафаел РИСТОВСКИ







