20 Мар Изложба « Париски рефлексии III » | 22.03.2024 – 20.04.2024
Петок, 22 март 2024, 12 ч. | Галерија Чифте амам
- Изложбата е отворена до 20 април 2024
Во чест на месецот на Франкофонијата, Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје ви го прикажува третото а воедно и последно издание на изложбата „Париски рефлексии“ која ги искажува париските влијанија на македонските доајени во сликарството, врз делата од колекцијата на Националната галерија.
Изложбата која го носи предзнакот 3 претставува избор на дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, дел како добитници на тогашната државна награда „Моша Пијаде“, но и преку специјализации и дополнување на образованието, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз. Со тоа, секој со своето препознатливо творечко кредо, извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување и продлабочување на влијанијата на енформелот, надреализмот, новата фигурација, геометризмот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.
Во оваа селекција се вклучени авторите кои се родени по 1930 година, ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20 век, а се значајни и по нивната педагошка дејност (многу од нив стануваат професори на Академијата за ликовна уметност во Скопје): Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски – Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Васко Ташковски, Кирил Гегоски, Милош Коџоман, Виолета Чауле, Таки Павловски Рубенс Корубин, Доне Миљановски, Благоја Николовски (сликари). Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски Дада, Борис Николовски (скулптори).
Изложбата беше отворена од г-дин Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција во Република Северна Македонија и д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија. Сите претставени дела, од кои повеќето се ретко изложувани, се дел од Колекцијата на Националната галерија.