05 Фев Меморијална изложба „Меморијален марш од Битола до Солун, долж рововите на Првата светска војна“ | 24.02. – 24.03.2021
Воен музеј при Министерството за одбрана
Во рамките на комеморацијата по повод Стогодишнината од Првата светска војна, Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје, Меморијалот во Каен и АЛДА Скопје, од 31 мај до 3 јуни 2018 година, организираа голем научен собир во Битола, којшто носеше наслов: „Заштита на неборците на Македонскиот фронт во Првата светска војна до денес“. Македонскиот фронт беше еден од четирите најголеми фронтови на европското тло во текот на Првата светска војна, заедно со Западниот (Франција и Белгија), Источниот (Балтичките земји, Русија, Романија и Бугарија) и Фронтот во Италија. Македонскиот фронт има должина од околу 400 километри и се протегал од Егејското Море на исток до Јадранското Море на запад, а минувал низ четири земји: Грција, Бугарија, Македонија, која била под српска власт, и Албанија.
Десетици илјади тела на војници денес почиваат во Северна Македонија. Тие воглавно се тела на војници од редовите на српската, бугарската, француската и германската војска, но и од турските грчките, романските (воени затвореници), италијанските и руските сили.
Токму со цел да им се оддаде почит на сите овие војници, еден век подоцна, по стапките на француските војници и долж Македонскиот фронт, тројца француски патници (Марк Ранверсе, Емануел Рембер и Емануел Ешт) и двајца македонски водичи (Петар Нолев и Вендим Усаиновски) на коњ и на мазга појдоа по оваа меморијална патека. Патека долга 240 километри пеш, од Битола до Солун. Повеќе од десетдневен марш по патеката на Роберт Луис Стивенсон („Пат со магаре низ Севените“) и позеијата на Френсис Џејмс. Околу две недели истражувачки марш на тема патувачки раскази и историски записи.
Две години по Меморијалниот марш, г-дин Александар Стојчев, Директор на Воениот музеј, се зафати со сериозно истражување низ арховите и повлекува временски паралели помеѓу војниците и воените жаришта на Македонскиот фронт преку поставување на фотографии од тоа време и фотографии од Меморијалниот марш од јуни 2018 година.
Изложбата ја отворија г-дин Станислас Мрозек, Прв Советник во Амбасадата на Франција, и г-дин Александар Стојчев, Директор на Воениот музеј.
Поради пандемијата, отворањето на изложбата се одржа без публика.
По отворањето, изложбата е отворена за посети до 24 март, согласно санитарните протоколи на Воениот музеј.