Франкофонија

На четирите страни на светот, на петте континенти!

 

Заедницата на луѓето коишто го споделуваат францускиот јазик и универзалните вредности низ бројки (податоци од Меѓународната организација на Франкофонијата – OIF).

 

– 220 милиони франкофони во светот

– 60% од франкофоните се помлади од 30 години

– 900 000 професори по француски јазик во светот

– Франкофонијата брои 890 милиони жители,

– 13 % од светската популација

– францускиот е деветти по ред најзборуван јазик на планетата

– втор мајчин јазик во Европската унија

– втор странски јазик во рамките на Европската унија.

 

Сегашната Меѓународна организација на Франкофонијата е основана во 2005 година, врз темелите на Агенцијата за културна и техничка соработка (ACCT) создадена во 1970 година, која во 1998 година прераснала во Меѓувладината агенција за Франкофонија. Терминот „Франкофонија“ се појавува во доцниот деветнаесетти век и ги опфаќа сите луѓе и земји што се служат со францускиот јазик.

 

OIF се состои од 75 држави и влади, од кои 56 членки и 19 набљудувачи. Македонија има статус на полноправна членка од самитот во Букурешт во 2006 година.

 

Да се споделува еден јазик, значи да се споделуваат вредностите кои се изразуваат преку четирите главни цели на OIF:

– промовирање на францускиот јазик и културната и јазична разновидност;

– промовирање на мирот, демократијата и човековите права;

– поддршка на образованието, обуката, високото образование и истражувањето;

– промоција на соработката во служба на одржливиот развој.

 

OIF ги развива своите политики со поддршка на четири специјализирани оператори:

– Универзитетската агенција на Франкофонијата (AUF), кон којашто имаат придружно членство и некои македонски универзитети (http://www.auf.org);

– Телевизискиот канал TV5 (http://www.tv5.org);

– Mеѓународната организација на франкофонски градоначалници (http://www.aimf.asso.fr);

– Универзитетот Сенгор во Александрија (http://www.usenghor-francophonie.org).

 

Во областа на образованието и јазикот, OIF е вклучена во повеќе проекти во Северна Македонија како што е „Националниот план за обука за зајакнување на работните капацитети од областа на францускиот јазик на државните службеници и дипломати задолжени за европски и мултилатерални прашања“ (повеќе од 110 слушатели за 2012 година) или развојот на билингвални стручни и технички паралелки во областа на хотелиерството и туризмот која од пред неколку години има и конкретна реализација преку одржувањето на семинар наменет за професорите кои предаваат во тие паралелки (од Македонија и од соседните земји), во рамките на летниот универзитет во Струга што Францускиот институт од Скопје го организира во почетокот на месец јули.

 

Францускиот институт во Скопје, исто така редовно соработува со Националната комисија за Франкофонија, а особено во месец март, преку бројни активности коишто се спроведуваат во училиштата и универзитетите во рамките на прославата на Франкофонијата.

 

Сите информации во врска со Франкофонијата се достапни на веб-страницата на Меѓународната организација на Франкофонијата: http://www.francophonie.org