следете ги нашите активности на mail

site map

Студирање во Франција

Конкурс за стипендии на француската влада за студии во Франција 2017/2018

Краен рок за пријавување : 30 април 2017


Конкурсот е отворен за кандидати кои се заинтересирани да следат студии во Франција, на ниво Мастер или Докторат.

Приоритет ќе им биде даден на студиите на француски јазик, во оние области кои не постојат или се недоволно развиени во земјава.

Стипендијата може да ги покрива животните, како и трошоците за школарина во Франција во период од максимум 9 месеци, вклучувајќи го и здравственото осигурување.
Статусот стипендист на француска влада им овозможува и други предности на стипендистите.

Зошто да се студира во Франција?

  • Заради високиот квалитет на француското високо образование и наука
    Франција располага со еден од најдобрите високообразовни системи во светот. Бројот на Нобелови награди и Филдсови Медали доделени на француските научници го потврдува квалитетот на универзитетите и француските истражувачки центри во различните области како што се физиката, математиката, економијата...
    Француските успеси на полето на технологијата и индустријата во секторите за вселенски истражувања, транспорт, нуклеарна енергија, телекомуникации и дигитални науки се плод на квалитетот на студиските програми на француските универзитети и високите елитни школи.

  • Да се студира и живее во Франција - да се биде во срцето на Европа
    Сместена во срцето на Европа, Франција е прва туристичка дестинација во светот според бројот на странски посетители. Да се студира и живее во Франција значи да се ужива во динамиката на културните настани, во едно богато културно наследство, како и да се запознае Европа.

  • Франција, отворена и привлечна земја за студенти и научници
    Франција е помеѓу првите земји во светот според приемот на странски студенти. Повеќе од 300 000 странски студенти ја избраа Франција за продолжување на своите студии.
    Политиката на еднаков третман на француските и странските студенти придонесува за атрактивноста на Франција. Трошоците за школарина на државните универзитети се многу ниски и сите студенти ги уживаат истите социјални права без разлика на нивното потекло : здравствено осигурување, помош за сместување итн.

  • Да се студира во Франција : адут за професионална кариера
    Студирањето на француски универзитет е привилегирана можност воедно да се добие одлично образование, да се запознае друга култура на личен и професионален план и да се научи или усоврши францускиот јазик. Сето ова придонесува студентот да се здобие со идеален профил за влегување на пазарот на трудот било во неговата родна земја, било во некоја друга земја од огромниот франкофонски простор на петте континенти.


Процедура за барање на стипендија

Услови кои треба да ги исполнува кандидатот :

  • да има македонско државјанство
  • да биде на возраст од максимум 30 години за ниво Мастер
  • да биде на возраст од максимум 35 години за ниво Докторат
  • препорачано е да има познавање на француски јазик ниво Б2 *

* Сепак, како исклучителен случај можат да бидат разгледани барања за специфични програми на англиски јазик (на високите школи, специјализираните школи за технички науки итн), на студенти кои имаат високи академски достигнувања и ќе покажат издржаност и оправданост во планот за студии во Франција и професионална кариера.

Потребни документи за пријавување :

  • Пополнет формулар за барање за стипендија ;
  • Фотокопија од документ за лична идентификација (пасош или лична карта);
  • Потврда дека кандидатот конкурирал на Мастер или Докторат (Кандидатите треба да презентираат потврда дека конкурирале или копија од остварена кореспонденција со францускиот универзитет. Стипендијата се активира после добивањето на официјален документ за прием);
  • Копија од последна диплома и уверение за положени испити (доколку оригиналите се на македонски или некој друг јазик, документите ќе треба да се достават со заверен судски превод на француски јазик) ;
  • Две препораки од професори ;
  • Писмо за мотивација во кое кандидатот треба да ги изнесе своите видувања за начинот и конкретната примена на здобиените знаења од студирањето, после враќањето во земјата ;
  • Потврда за познавање на француски јазик (не е задолжителна, меѓутоа и дава дополнителна вредност на кандидатурата);
  • Биографија (CV)
  • Една фотографија

Некомплетните барања нема да бидат разгледувани.

По извршената претселекција врз основа на документите, кандидатите ќе бидат повикани на разговор во Францускиот институт во Скопје (за студенти кои се во Франција, постои можност разговорот да се обави преку скајп).

Целосната документација треба да биде на француски јазик, во два примерока и треба да биде доставена во предвидениот рок во Одделот на Кампус Франс, на адресата дадена подолу.

Ниеден друг документ нема да биде примен после тој датум (освен потврдата за дефинитивниот прием).

За сите дополнителни информации, можете да се обратите во:

Одделот на Кампус Франс во Францускиот институт
Ул. Св. Кирил и Методиј, бр.48 П. Фах 388, 1000 Скопје
Тел: 02 / 3129 288

Лице за контакт : Г-ѓа Сузана ПЕШИЌ
suzana.pesik@ifs.mk

Краен рок за пријавување : 30-ти април 2017.