следете ги нашите активности на mail

site map

Франкофонија

Кој е Никола Бувие ?

Линк кон програмата на Франкофонија во чест на Никола Бувие и во соработка со Амбасадата на Швајцарија

Во 2019, Никола Бувие (март 1929 – февруари 1998) ќе наполнеше 90 години. 

Педесет години швајцарскиот писател на француски јазик одлучно грабеше по Земјината топка. Денес тој претставува референтна фигура за сите патописци и љубители на авантури што одат во пресрет на културата на другиот. 

Во 1953, на крајот од јули, Никола Бувие ја напушта Женева во неговиот стар Фиат Тополино со машина за пишување на задното седиште. Се упатува кон Белград каде што треба да му се придружи на својот пријател цртач, Тјери Верне. Двајцата потоа ќе тргнат кон Македонија, Грција, Турција, Иран, Авганистан. Никола Бувие и Тјери Верне ќе престојуваат така неколку недели во Прилеп, „мало гратче во Македонија, во средиштето на појас од црвени планини западно од долината на Вардар“ - „Познавање на светот“ (1963).

На овој француско-швајцарски автор ќе му биде оддаден омаж во неколку градови во Македонија, во рамките на Празникот на франкофонијата во март 2019, чие одбележување оваа година ќе биде во знакот на книгата, патеписната книжевност, филмот, архитектурата, фотографијата и музиката.

Во месецот на франкофонијата (март 2019), во повеќе градови низ Македонија ќе бидат организирани заеднички француско-швајцарски манифестации во негова чест. Ќе се зборува за книги, за патување и патописци, за филм, фотографија, цртеж и музика.

Позначајни дела на Никола Бувие:

  • „Познавање на светот“ (1963)
  • „Јапонска хроника“ (1975)
  • „Рибата-шкорпија“ (1982)
  • „Дневникот од Аран и други места“ (1990)
  • „Бувот и китот“ (1993)
  • „Надвор и внатре“ (1998)

Филмографија на Никола Бувие:

  • „Бувот и китот“, Никола Бувие, филм на Патриција Платнер - 1993 - Швајцарија - 56 мин.
  • „Никола Бувие, ветерот на зборовите“, документарен филм на Оливие Бауер и Жоел Калмет, прикажан на Франс 3 во рамките на колекцијата од 257 документарни филмови за писателите од 20 век.
  • „Никола Бувие на Болничка улица, бр 22“, документарен филм Кристоф Кун во издание на Éditions Zoé
  • „Враќањето на Никола Бувие“, филм на Јордан Плевнеш и на МРТВ (2010)

 

____________________________________________

Цитати на Никола Бувие 

„Познавање на светот“ (1963)

На патувањето не му е потребен повод. Брзо докажува дека си е доволно самото на себе. Верувате дека организирате патување, но набргу всушност патувањето вас ве организира или ве дезорганизира.

*    *    *

Носени со појот на моторот и дефилирањето на пејзажите, текот на патувањето ве пронижува и ви ја разбиструва главата. Идеите што сте ги чувале без причина ве напуштаат; некои други напротив се поднаместуваат и ви се прилагодуваат како камења во коритото на некој поток. Нема никаква причина да сторите што и да е; патот работи за вас [...]

*    *    *

Долго време проживеав без да знам многу за омразата. Денес ги мразам мувите. Од самата помисла на нив ми навираат солзи во очите. Целосно да се посвети животот за да им се наштети ми изгледа како многу убава судбина. Мислам на азиските муви, затоа што, оној што не излегол од Европа не е меродавен да зборува за ова. Европската мува се ограничува на прозорците, на слатките сокови, на сенката во ходниците. Понекогаш дури ѝ се случува да заталка на некој цвет. Таа е само сопствена сенка, ослободена од ѓаволот, така да се каже невина. Онаа од Азија, разгалена од изобилието на она што умира и запуштеноста на она што живее, е безобразно здодевна. Истрајна, упорна, мало јагленче од грозен материјал, се буди наутро и сиот свет нејзе ѝ припаѓа.


Интервју

Кога сте на пат, најдобро е да се изгубите. Кога ќе заталкате, плановите им отстапуваат место на изненадувањата и токму тогаш и само тогаш почнува вистинското патување.

„Повторно ќе треба да се замине“ (необјавени текстови од патувачките бележници на Никола Бувие)
Тој тврди дека среќата не постои. Јас се согласувам со него дека таа веќе си заминала кога мислиме дека сме ја освоиле, но како и контрабасот во оркестарот ја забележуваме кога ни недостасува.

*    *    *

Нештата што силно сме ги сакале на почетокот од младоста би требало или да исчезнат без трага или да растат заедно со нас.

„Рибата-скорпион“ (1982)
Патувам за да учам и никој ми го немаше кажано она што го откривам тука.

*    *    *

„Јапонска хроника“ (1975)
Додека денес едвај и да можеме уште да напредуваме во вештината да се уништуваме, останува уште пат да изодиме во вештината да се разбереме.

*    *    *

Но токму за долгите патувања е својствено од нив да донесеме нешто сосема друго од она што сме отишле да го бараме.

*    *    *

Враќајќи се од патување личиме на натоварен кораб со црн пипер, мускатен орев и други скапоцени мирудии; но штом се закотвиме во пристаништето, никогаш не знаеме што да правиме со нашиот товар.