следете ги нашите активности на mail

site map

Образование и француски јазик

Настава и изучување на францускиот како странски јазик на рана возраст

 Преземете го документот

Во современиот свет, познавањето на два или три странски јазици станува обврска. За подобро изучување на еден странски јазик, дидактичарите посветуваат особено внимание на изучувањето на јазикот уште од најмала возраст. Да се започне да се изучува еден странски јазик на рана возраст, тоа значи да се постават основи за подоцнежни изучувања, но и да се влијае на односот кон други јазици и други култури.

Изучување на странски јазик на рана возраст, што значи тоа?
Зборот “ран(а)“ или “предвремен(а)“ на француски „précoce“, според дефиницијата во речникот Л Петит Робер 2003, означува “зрел/спремен пред вообичаениот момент или зрел/спремен пред посакуваната возраст“. Ако се земе оваа дефиниција во стриктна смисла на зборот во контекст на изучувањето на странскиот јазик на рана возраст, тоа би значело дека постои зрела возраст за изучување на јазиците. Односно, во отсуство на научна докажаност, раната возраст би претставувала референца во однос на вообичената возраст на која се започнува изучувањето на еден странски јазик во образовниот систем.
Имајќи ја во предвид практиката на голем број на земји на овој план кои воведуваат изучување на странски јазик уште од првите години на основното образование, раното изучување на странскиот јазик би значело изучување од страна на деца од претшколска возраст или уште од самиот почеток на основното образование.


Зошто изучување на странски јазик уште од најмала возраст?
Детето на рана возраст ужива во јазично искуство, тоа е подготвено да учи, да слуша, да повторува, да комуницира, да имитира, да си игра, не е инхибирано од сликата што другите си ја поставуваат за него. Тоа е отворено кон другите, природно е надарено со извонредна способност за јазично усвојување, особено на фонетски и морфосинтаксички план. Благодарение на пластичноста на неговиот мозок која што возрасниот не ја поседува во иста мера, тоа може да стекне јазични механизми многу бргу и да постигне добро разбирање и изразување во странскиот јазик.
Во такви поволни услови, детото учи лесно странски јазик под услов да наставата по странскиот јазик продолжи во текот на целото негово школување. Изучувањето на странски јазик на рана возраст му овозможува да научи и втор па и трет странски јазик подоцна во неговиот живот, но му овозможува и исто така да подобро го запознае својот мајчин јазик. Тоа му овозможува да си создаде социо-општествен капитал и да се интегрира полесно во свет со постојани промени.


Кои параметри да се земат во предвид во програмата на странскиот јазик на рана возраст и како да се организира наставата?

Потребите и интересите на детето
Идентификувањето на потребите на детото (реф. Пирамида на потреби според Маслов, Далгалиан), како и центрите на интерес на детето е прва неопходна етапа во концепирањето на програмата за настава адаптирана на деца на рана возраст.
Детото има потреба да зборува, да биде сослушано, да си игра, да допира предмети, да истражува, да открива, тоа има вродена љубопитност. Тоа сака различни активности, се интересира за “зошто“, учи да се идентификува, да ги контролира чувствата, да разликува добро од лошо.
Од друга страна, потребите и интересите не се исти за дете од 3 и дете од 8 години, периодот на разумот. Детето на 8 години и покрај тоа што некои потреби се идентични со претходната возраст, има други центри на интерес (да се мери и споредува со другите, да разликува реално од измислено, да прави колекции и збирки, итн.). Наставникот треба да ги познава стадиумите на когнитивен развој својствени за секоја возраст со цел да ги поврзе со начините на учење.

Активен пристап
Која и да е возраста на детето, на час по странски јазик би било соодветно да се примени пристап кој се концентрира на ученикот, на неговите центри на интерес и адаптиран на неговата возраст. Методата треба да биде глобална, мулти сензоријална, ориентирана кон играта. На јазикот што се учи треба да му се пристапи, не на фронтален и граматички начин, туку инструментален. Јазикот служи за реализирање на активности и задачи.
На час по француски јазик на рана возраст, наставата поминува преку песнички, стихотворби, приказни, слики, експерименти, творби, игри. Со поголемите, можеме да правиме симулации и да измислуваме имагинарни светови. Комуникативните активности се од пресудно значење: секоја секвенца од часот треба да се основа на ситуации и активности кои фаворизираат интеракции помеѓу децата. Ритуелните моменти се привилегирани моменти за користење на јазикот како средство за комуникација.

Играта во педагошка цел
Најомилената и најинтезивна преокупација на детето е играта. За детето, играта е многу сериозна работа и детето се оддава на игра со задоволство. Тоа значи дека детето може да научи подобро, со поголем интерес и посериозно доколку едукативните и образовни активности му се претставени на забавен начин и преку игра.
Постојат повеќе различни типови на игри: игри со карти, лото, меморија, игра на улоги, паркур, логички игри, конструктивни игри, игра на правила, друштвени игри. Всушност, според различни критериуми постојат и различни класификации на игрите. Играта во педагошки цели е присутна и во наставата на францускиот како странски јазик и претставува ефикасно средство за мотивирање на децата, развивање на нивниот интерес, како и јакнење на екипниот дух. За час по француски јазик постојат повеќе различни игри со комуникативен карактер: игра на гуска, Жак рече, играта со 7 фамилии, потрага по богатството и многу други.
Кај дете на рана возраст, врската помеѓу развојот на детето, неговата природна потреба за игра и учење е повеќе од очигледна. Преку играта, детето пристапува кон јазикот благодарение на репетитивните јазични структури и преку мотивацијата што играта ја побудува кај детето, таа поттикнува земање збор. Значи, играта претставува ситуација на експериментирање со јазикот и овозможува да се одговори на реалните и автентични потреби за комуникација кои фаворизираат лично залагање во изучувањето на јазикот.

Свесност кон јазиците
Свесноста кон јазиците, движење што се појави во 80-те години во Велика Британија и се прошири потоа во Европа и Канада, е методолошки пристап кој се состои во тоа да се сензибилизираат учениците кон јазичната разноликост и разноликоста на личностите кои ги зборуваат тие јазици, преку контакт со устен и писмен корпус на различни јазици.
Целта на ова движење е да се развијат толерантен однос и отвореност кон јазичниот и културен диверзитет, да ја зајакне интересот кон јазиците преку развивање на способности кои го олеснуваат нивното изучување. Иницирани кон овие прашања за јазична и културна разноликост уште од најмала возраст, учениците се спремаат за живот во плуралистички општества.
Свесноста кон јазиците се адаптира на секаков клас, без разлика на тоа дали од јазичен аспект е хомоген или не, и тоа уште од најмала возраст. Љубопитноста на малите ученици за светот кој ги опкружува и природните предиспозиции за кои зборувавме предходно се моќна појдовна точка за раавивање на отвореност кон различноста и новитетите. Преку разновидни активности (Крици на животни на различни јазици, Јазична биографија, Поговорки, Сказни, итн.) децата, преку јазикот на наставата, реализираат интеракција со мултијазичен дидактички материјал кој го развива нивниот интерес и ја отвара вратата кон другите јазици од нивниот репертоар. Преправени во мали детективи, тие тргнуваат во потрага по нови гласови, нови зборови и ново писмо. Споредувајќи ги јазиците и барајќи ги нивните сличности и разлики, тие го истражуваат јазикот општо и развиваат знаења и способности (слух, набљудување, итн.) кои им користат и во другите предмети и изучувања, вклучително и мајчиниот јазик.
Свесноста кон јазиците дава одлични можности за реализирање на интердисциплинарни проекти и воспоставува на тој начин врска помеѓу различните области (математика, музика, општество, спорт, итн.). На тој начин изучувањето на јазикот излегува од строго воспоставената рамка и лимит во рамките на класот.
Овој пристап на изложеност кон јазикот/јазиците, кој не го заменува изучувањето на јазиците, може да биде промовиран како придружна алатка на јазичното изучување во текот на целото школство на учениците.


Се разбира, многу поголем број на фактори од оние изложени погоре треба да се соединат за да наставата/изучувањето на странските јазици на рана возраст биде успешно.

Најнапред, треба да се анализира односот помеѓу мајчиниот и странскиот јазик кои се два основни аспекти во раното изучување. Како што опишува Лев Виготски “Детето го асимилира странскиот јазик во училиште на сосема различен начин од начинот на кој што го усвојува мајчиниот јазик (...). Детето го учи мајчиниот јазик на несвесен и ненамерен начин додека изучувањето на странскиот јазик започнува свесно и со намера.“
Секое дете е способно да научи јазик бргу. Процесот на усвојување на првиот јазик е придружен од паралелен процес на когнитивен и социјален развој кој се случува истовремено со јазичното усвојување. Тоа му овозможува на детето да премине од период на не-зборување во период на зборување, да се развие на интелектуален план и да стане општествено суштество. Од моментот кога механизмите на владеење на првиот јазик се воспоставени кај детето, тие се достапни и на располагање во изучувањето на вториот и останатите јазици.
Всушност, изучувањето на странските јазици може да се одвива во многу различни услови. Програмата за рано изучување зависи од возраста, целите, степенот на усвоеност на мајчиниот јазик, времето на изложеност на странскиот јазик и многу други фактори.

Наставниците кои предаваат на ученици на рана возраст треба да бидат обучени за специфичноста на оваа публика и настава, треба да се чувствуваат пријатно со мали деца, да имаат внимателност но и строгост во планирањето на наставата, да имаат желба да си играат, да варираат активности, да знаат да комуницираат со родители. Јазичното ниво треба да биде беспрекорно со цел да им овозможат на децата да се најдат во средина на јазична бања.

Просторот во кој децата се наоѓаат треба да биде адаптиран на нивната возраст, да биде топол, шарен, со соодветни визуелни помагала и средства кои се користат за педагошки цели и каде што детето наоѓа репер, особено во ритуелните активности како присуства и отсуства, ден и датум, метео, правила на однесување или пак упатствата во класот.

Ресурсите и дидактичкиот материјал треба да биде разновиден, активносите исто така, како и алатките. Наставниците можат да се служат со конкретни предмети (играчки, марионети) или пак да користат слики во форма на флаш карти или постери. Во денешно време на развиена технологија, дигиталните алатки се во служба на наставата, особено белите интерактивни табли и таблетите за кои материјалите за работи ги има во изобилство.

Наставата треба да биде организирана според редовно и систематско планирање водејќи сметка за интересите на децата и реалноста во која живеат.

Изучувањето на странскиот јазик не е доволно само по себе, туку претставува долг процес за кој е потребна инвестиција во време. Потенцијалот кој малите ученици го имаат во тој поглед, како и многубројните предности што познавањето на странските јазици ги носат и пошироко од самиот јазичен аспект, ме уверуваат дека таа инвестиција е и повеќе од исплатлива.


Библиографија
Hagège, C. 1996, 2005. L’enfant aux deux langues. Odile Jacob
Groux, D. Article paru dans Le français dans le monde n°330, Novembre-Décembre 2003
Le Petit Robert. 2003. Paris: Dictionnaire le Robert
Cuq, J-P., Gruca, I. 2002. Cours de didactique du français langue étrangère et seconde. Presses Universitaires de Grenoble
Cohen, R. 1982. Plaidoyer pour les apprentissages précoces. Paris : Presses Universitaires de France
Garabédian, M., Weiss, F. 1991. Enseignements/apprentissages précoce des langues. Paris : Hachette Education
Porcher, L., Groux, D. 2003. L’apprentissage précoce des langues. Paris: Presses Universitaires de France
Délégation générale à la langue française et aux langues de France. Les approches plurielles des langues et des cultures. Collection « Regards ».

Ситографија
http://ec.europa.eu/languages/index_fr.htm
http://ec.europa.eu/languages/policy/learning-languages/early-language-learning_fr.htm
http://www.aplv-languesmodernes.org/
www.eduscol.education.fr
www.primlangues.education.fr


Ситографија со ресурси за наставниците
http://enseigner.tv5monde.com/collection/cours-pour-les-3-12-ans
http://www.bonjourdefrance.com/exercices/contenu/activites-de-classe-leveil-au-francais-precoce-par-les-sens.html
http://www.lepointdufle.net/enfants.htm
www.elodil.com