следете ги нашите активности на mail

site map

Култура

СВЕЧЕН ГАЛА КОНЦЕРТ

по повод прославата на 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Франција и Македонија

25-тата годишнина од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Франција и Македонија, Амбасадата на Франција во Македонија и Францускиот Институт во Скопје, во соработка со МОБ, организираа исклучителен концерт во преполна сала, во изведба на двајца познати уметници, Елена Голомеова и Жан-Грег Белобо, и Оркестарот на Македонската опера и балет, под водство на диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ.

Г-дин Кристијан Тимоние, Амбасадор на Франција, во рамките на оваа пригода, им се заблагодари на сите оние коишто придонесоа за постоењето на прекрасните француско-македонски пријателски врски.

Г-дин Никола Димитров, Министер за надворешни работи Владата на РМ, во својот говор, пак, потсети на долгогодишното присуство на Франција во Македонија и трајноста на пријателските врски помеѓу двете земји.

_____________________________________

Линк кон галерија со фотографии.

Програма на вечерта.

_____________________________________

Елена Голомеова, сопран (Франција, Македонија)

Елена Голомеова е родена во Македонија.

Од  2000-та година наваму живее во Франција и активно настапува на сцените на тамошните оперски куќи. Средно музичко училиште завршува во Штип и во Скопје. Потоа заминува во Ница, Франција, каде што завршува студии по соло пеење во класата на М.Ж.Р Гање . Магистрира во Париз во класата на професорката  Жаклин Бонардо.

Од нејзиниот репертоар, меѓу позначајните улоги во Операта Ница се вбројуваат:  Реми во „Без огниште“ од Жан Клод Петит, Жанет  во  ,,Свадбата на Жанет” од Виктор Масе, Матилда во  ,,Наполеон“, Кристина во  ,,Фантом во операта”, Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“ од Моцарт.

Со улогата на Шерубин во ,,Свадбата на Фигаро”, Голомеова дебитира во Националната Опера во Лорен.

Заедно со Жерар Депардје настапува во филмот за животот на Рахмањинов. Таа ја игра и улогата на Деспина од „Cosi Fan Tutte“ со Р. Раимонди во „Плачот на ангелите” во продукција на француската телевизија France 2

Голомеова настапува на концерт во Скопје  заедно со Оркестарот на македонската филхармонија. Исто така учествува на бројни реномирани фестивали на Балканот и во Европа. Со филхармонискиот оркестар на Кан  таа настапува во „Реквием“ од Моцарт.

Добитник е на неколку значајни награди, меѓу кои и прва награда за лирско пеење од Националниот конзерваториум во Ница.

_____________________________________

Жак -Грег Белобо, баритон-бас (Камерун, Франција, Германија)

Жак -Грег Белобо е роден во Јунде. Денес се смета за еден од најдобрите оперски пејачи.

„Мојата професија бара издржливост и совршеност“, вели овој баритон. 

За него сè започнува со добивањето на стипендија, која му овозможува да ги следи првите часови по пеење во Ница во 1997 година. Истата година му се отвораат вратите на Конзерваториумот во Ница. Една година подоцна се запишува на Конзерваториумот во Париз. Најпрво дипломира, а потоа освојува повеќе награди, истакнувајќи се на меѓународните конкурси. Ова се почетоците на неговата целосна посветеност на музиката.

Во 2001 година е ангажиран во „Bayerische Staatsoper“ во Минхен, во 2003 во „Semperoper“ во Дрезден. Ги интерпретира главните улоги  во најголемите опери низ целиот свет.

Денес живее на релација меѓу Париз,Берлин и Јунде. Сонува да основа меѓународен конзерваториум во неговиот роден град.