следете ги нашите активности на mail

site map

За нас

Порака од Директорот
на Францускиот институт во Скопје


На мостот


Вечерта на моето пристигнување во Скопје, ја препрочитувам „Користење на светот“ (L’usage du monde) од Никола Бувје (првото издание 1963). Патепис, расказ за земји, земјени површини, земјишта и за францускиот јазик. Се наоѓаме во педесеттите, шеесеттите години.

Се будам и ми навира мислата дека во 2008 година се одбележуваат 25 години дипломатски односи помеѓу нашите две држави. Сребрен јубилеј. Во чест на оваа годишнина, посакувам годинава да биде особено богата, исполнета и иновативна во сите области на нашата соработка.

Напладне, имам разговор со прекрасниот тим на Францускиот институт во Скопје.
Им велам дека треба да бидеме создавачи на сите мостови помеѓу нашите две земји.
Постојат луѓе кои остануваат вчудовидени пред фактот дека толку тешки и големи предмети, како авионите на пример, можат да летаат во воздухот. За мене, пак, мистеријата се крие во мостовите, кои, исто така, се реалност.

Во 16 часот, се среќавам со македонски партнер. Зборуваме за идни проекти, она што ќе нè сврзува. Уште сводови и мостови. Целина и подробности.

18 часот. Како по обичај, навлегувам во виртуелниот свет, ги прегледувам мејловите. Од лето со Бувје до дигитална зима!

21 часот – пишувам во кујната. Малку сум уморен, но сфаќам дека денот имаше своја убавина. Кога моето лице би можело да каже нешто, би проговорило благодарам што сум овде.

На заспивање, пред мене се преписките на Флобер кои никогаш не ме изморуваат, Добро, знам дека не сум во Скопје за да читам писател од Нормандија. Покрај него, на ноќната масичка, стојат уште неколку македонски автори преведени на француски: Шопов, Урошевиќ, Андоновски, Андреевски, Плевнеш, Старова и Мицковиќ, на кои нема да задоцнам да им се придружам.

Потоа следи разложување на луѓе и места низ сон.

Се будам, го слушам предавањето на Антоан Компањон од Колеж де Франс (Collège de France) на тема: За книжевноста како борбен спорт: (...) во 19-тиот век насекаде гледаме двобој, книжевно истоштување. Во 20-тиот век, пак, боксот најде свое место во делата на Хемингвеј или на Монтерлан. Тоа е долгата приказна за мефората за „железното перо“, за „двобојот“ и за „книжевниот мегдан“.

Емануел Рембер